MKEN

ОБЛАСТИ НА ИСТРАЖУВАЊЕ

  • ОпштествoОпштествo
  • ПазарПазар
  • МедиумиМедиуми
  • ПолитикаПолитика

МЕТОДИ НА ИСТРАЖУВАЊЕ

Телефонско истражување

Телефонското истражување претставува замена на прашалникот на хартија / таблет со прашалник на компјутер и се спроведува од едно место преку телефонски разговор. Анкетарот ги внесува одговорите директно во компјутер. Прашалникот се појавува на мониторот и одговорите прашањата директно се запомнуваат во база на податоци. Ваквото презентирање на прашалникот се карактеризира со висока ефикасност и точност, затоа што компјутерот ги прикажува прашањата по точна програмирана секвенца, аплицирајќи ги сите потребни ротации, филтри, логички контроли на одговорите. Главната предност е токму можноста информациите да бидат собрани од географски расфрлан примерок за пониски трошоци и побрзо отколку лице в лице истражувањата.

Таен купувач

Методот на Таен купувач вклучува обучени анкетари без никаков инструмент за мерење, со помош на глумење на потенцијален потрошувач/корисник или опсервација на одредена ситуација/ простор/ однесување собираат информации за претходно дефинирани аспекти и области и потоа даваат детален извештај за неговото искуство. Со ваквиот метод може да се соберат најразлични атрибути – професионалност, познавање на производот/услугата, услужливост, време за чекање, потребно време за одговор на барањето, вештини за справување со тешки клиенти, чистота на работниот простор итн. Целото сценарио е претходно добро спремено во соработка со клиентот. Кај испитуваните не постои свесност дека се дел од истражување, поради тоа што таа информација би довела до промена во инаку спонтаното однесување. Анонимноста и правата на сите вклучени страни треба да се добро запазени и заштитени. На крајот резултатите добиени служат за подобрување, понатамошна едукација и евалуација на работниот кадар.

Тест на централна локација (CLT)

Тестот на централна локација е тестирање/ пробување на разни производи од страна на конзументи во специјално адаптирани простории близу локации/ јавни простори каде циркулираат поголема група луѓе. Ваквиот тип на истражување најчесто се користи за нови или модифицирани продукти, како и за сите случаи каде што е потребен директен контакт со производот – тестирање на концепти, тестирање на продукти, сензорни испитувања, тестирање на рекламен материјал, тестирање на пакувања итн. Учесниците се избираат според претходно дефинирани критериуми, додека пак информациите добиени можат да бидат од квалитативен и од квантитативен тип.

Онлајн панел

Онлајн панел истражувања се прават со група на индивидуи кои се согласни да учествуваат во истражување преку интернет. Тие се избираат според претходно дефинирани критериуми. Начинот на кој се регрутираат е најчесто со давање некаква понуда за заработка или истакнување на можноста да се даде мислење за нов продукт или услуга.  Ваквиот начин на собирање податоци е ефективен поради тоа што нуди побезбедна околина за испитаниците со што се зголемува квалитетот на податоците и се добиваат одговори од испитаници кои поради географски ограничувања не може на друг начин да се добијат.

Интернет истражување (Computer Assisted Web Interview)

Интернет истражувањето е вид на интервју каде испитаниците одговараат на прашалници преку интернет. Ваквото истражување овозможува за помалку време да се опфатат поголем број на испитаници. Истражувањето се одвива така што на испитаниците им се појавуваат прашањата на мониторот и одговорите веднаш се запомнуваат во дата база. Кај ваквиот начин на анкетирање постои автоматско логичко скокање на прашања, автоматска ротација на прашањата. Како и кај телефонските истражувања, податоците се веднаш достапни, со што се намалува можноста за дополнителни грешки. Најголема предност во ваквите истражувања е можноста да се имплементираат логоа, слики, видео и аудио записи како дел од самото истражување, што кај   телефонските истражувања е скоро невозможно да се имплементира.

Лице в Лице истражување

Лице в Лице истражувањата се најверојатно најпопуларен и најстар начин за собирање информации. Тоа што го карактеризира ваквиот начин на анкетирање е синхронизираната комуникација во време и простор – присуството на интервјуерот (анкетарот) што обезбедување поголема респонзивност и квалитет на податоците. Анкетарот користи стандардизиран прашалник, кој по соодветен редослед му го презентира на испитаникот. Прашањата најчесто се од затворен тип. Анкетарот може да помогне во дообјаснување на некои прашања каде што испитаникот има потешкотии и служи како главен извор за мотивација во одговарањето на испитаникот. Поради тоа што ваквите интервјуа најчесто се спроведуваат во домот на испитаникот или на работното место возможно е да се спроведат интервјуа чие времетраење е подолго. Друга предност на ваквото истражување е што испитаникот, за разлика од панел дискусиите и фокус групите не е под влијание на останатите учесници.

Фокусни групи

Фокус групата е испланирана дискусија дизајнирана да испита перцепции, ставови, мотиви, преференции за одредена тема/прашање од интерес. Во групата учествуваат од 8 до 10 учесници, што е оптимална големина која би дозволила сите учесници да имаат можност да го изразат своето мислење. Учесниците се избираат според некој критериум релевантен за темата на дискусијата.   За дискусијата се прави аудио/видео запис,транскрипт или може да се следи во живо по барање на клиентот. Учесниците во разговорот се водени од модератор кој изнесува теми за разговор според однапред дефинирано сценарио. Силната страна на ваквата дискусија е што дозволува учесниците да го искажуваат своето мислење спонтано во безбедна средина, истовремено давајќи можност да се опсервираат реакциите, емоциите и однесувањето на учесниците со што се истражуваат значења кои не можат да бидат објаснети статистички.

Длабински интервјуа

Длабинското интерјву е квалитативен метод на собирање податоци и се спроведува со еден испитаник. Тоа што го разликува длабинското интервју од обичното лице в лице анкетирање е тоа што е помалку структурирано. Интервјуерот може подлабински да ги истражи чувствата и перспективите на испитаникот во однос на темата. Прашањата кај ваквиот вид на интервјуа се отворени (не нудат можни одговори, започнуваат со “како“ и “зошто“) со што му се нуди на испитаникот да го изрази мислењето на свој начин. Интервјуерот активно слуша што одговара испитаникот и според тоа ги насочува прашањата. Најчесто ваквите интервјуа се снимаат и се прават кратки белешки за време на интервјуто.

Радио и ТВ мониторинг

Ваквиот тип на истражувања подразбира следење на аудио и видео материјал на радио и ТВ станици. Се употребува за следење на реклами, музички спотови, песни, огласи, односно се забележува точното време и број на повторување на истите во тек на договорен период на одреден комуникациски канал Информациите од овој вид се користат од страна на маркетинг агенции, музички автори и изведувачи, продукциски куќи, огласувачи.

ОДБРАНИ ИСТРАЖУВАЊА

Job-Opportunities_jpg_460x345_q85

Младински иницијативи

За потребите на нашиот клиент The District Communications Group, М-Проспект спроведе деск истражување да ги лоцира…

Прочитај